Осум медали за БК „Неготино“
22-09-2015 СПОРТ

Осум медали за БК „ Неготино “ на четвртиот по ред меморијален турнир во борење Јован Димитров кој во саботата се одржа во СРЦ „ Младост “ во Неготино. Имено, домаќинот БК „ Неготино “ настапи со десетмина борачи и освои осум медали, пет бронзени, два сребрени и еден златен медал. Трето место во конкуренција деца освоија Роберт Стефанов категорија 32 кг. Васе Христов категорија 45 кг, Андон Марковски 53 кг, Усеин Мечов 85 кг и Андреј Христов 85 кг. Второ место во конкуренција кадети освоија близнаците Иле Буровски 58 кг и Јане Буровски 63 кг, а првото место во категорија до 85 кг го освои Димитар Вандов. Тренерот на БК „ Неготино “ Јане Мелов e повеќе од задоволен од успехот на своите борачи.

 

Инаку, на овој меморијален турнир учество земаа 65 борачи од 8 клубови во Македонија, а борачите се натпреваруваа во 10 категории. Покрај дипломите и медалите за најдобрите, организаторот обезбеди и специјални награди односно пехари за најдобар техничар, најдобар млад борач, трофејот Јован Димитров и специјалната награда борачки дрес за најперспективен борач на турнирот. За најдобар борач на турнирот и освојувач на трофејот „ Јован Димитров “ беше прогласен Димитар Вандов од Бк „ Неготино “. Пехарот за најдобар техничар го освои Петар Тодев од БК „ Балканец “ Штип, пехарот за најдобар млад борач го освои Аид Салихаси од БК „ Тефејуз “ од Скопје, а за најперспективен борач беше прогласен Беши Алили од БК „ Лирија “ од Скопје.

 

Пред почетокот на турнирот на спомен бистата на трагично загинатиот борач Јован Димитров, положувајќи свежо цвеќе претставници на фамилијата, БК „ неготино “,градоначалникот на општината, роднини, пријатели, сограѓани ја одбележаа 24 годишнината од неговото трагично загинување во воениот конфликт далечната 1991 година. како и секоја година, така и оваа турнирот за отворен го прогласи градоначлникот Ванчо Апостолов кој воедно беше и главен покровител на истиот.  

 

Maja Aлексовска

Додади коментар