Отчет за сработеното во првите сто дена даде градоначалникот на Неготино
06-08-2013 РЕГИОН

Во изминативе сто дена од мандатот на градоначалникот на општина Неготино Ванчо Апостолов се рализирани бројни проекти кои се дел од неговата програма. Како што нагласи во отчетот до граѓаните, се реализира проект за подобрување на водоснабдувањето и се менуваат старите со 2600 нови и автоматизирани водомери – вредност 270.000 евра обезбедени од германската банка за обнова и развој со поддршка на Владата на РМ. Исто така обезбедени се  нови 35 литри вода во секунда во водоснабдителниот систем од бунарите кај с.Пепелиште – вредност 1.200.000 денари

„Започната постапка за изградба на нов и поголем резервоар за вода за пиење. Спроведена кампања за штедење на водата за пиење. Ставен во функција паралелниот систем за наводнување на дворните површини. Изработена студија за детектирање на критичните места кои придонесуваат за создавање на загуби на вода за пиење во системот на водоснабдување. Aсфалтирани улици во центарот во с.Војшанци во  вредност  од 5.000.000 денари. Уреден центарот во с.Курија – вредност 1.200.000 денари, поставена водоводна и канализациона мрежа и асфалтирање на улица 11 Октомври во  вредност 5.000.000 денари. Поставена водоводна и канализациона мрежа во урбан блок 5.1 во Неготино – вредност 2.000.000 денари, обезбедено ново возило за собирање на смет во руралните средини“. Ова се дел од проектите кои се реализирани, а ги даде во својот отчет Апостолов.

Исто така во изминатите сто дена биле обезбедени 47 контејнери за собирање на смет во руралните средини , поставена опрема со реквизити за детски игралишта во вредност 1.200.000 денари. Со средства од Агенцијата за државни патишта на РМ бил оспособен и ставен во функција Пепелишкиот мост на реката Вардар. За овој проект биле инвестирани  23.000.000 денари.

Апостолов ги спомена и 13-те градежни парцели од 30 ха во индустриската зона кои се подготвени за продажба, отпочнатата постапка за изградба на капацитет од лесна и незагадувачка индустрија во зоната Дуброво со потенцијал за вработување на 500-600 лица. Покрај овие се реализирани и други проекти во повеќе сфери.

Во тек на реализација се неколку проекти, рече Апостолов и ја спомена поднесена апликација за проект за подобрување на водоснабдувањето до Светска банка за одобрување на средства од 300.000 евра, отпочната постапка за комплетна реконструкција и проширување на двете главни улици во Неготино. До Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделието и руралниот развој аплицирано е со 3 проекти во вредност од 500.000 евра.                

 Ангел Данов



Додади коментар