ПАСКАЛ ГИЛЕВСКИ Е ГОДИНЕШЕН ДОБИТНИК НА РАЦИНОВОТО ПРИЗНАНИЕ
03-06-2014 КУЛТУРА

Денес на прес-конференција во Општина Велес, Градоначалникот Славчо Чадиев ја претстави Програмата за 51-ти Рацинови средби и го соопшти името на добитникот на Почесното Рациново признание за 2014 година. Тоа е поетесата и издавач од Босна и Херцеговина – Тања Ступар Трифуновиќ. Почесното Рациново признание се доделува за афирмација и промоција на македонската литература и култура надвор од границите на Македонија.

 

Жири-комисијата на Меѓународната поетска манифестација „Рацинови средби 2014“ во состав Иван Чаповски – претседател, Оливера Николова – член, Илхами Емин – Член, Блаже Миневски – член и Трајче Кацаров - член, соопшти дека донеле одлука наградата Рациново признание за 2014 година да му се додели на писателот Паскал Гилевски за романот „Постсмртна венчавка” во издание на издавачката куќа „Матица Македонска“ од Скопје.

 

Романот „Постсмртна венчавка” се изделува од понудената продукција со обмислена романескна структура и со ефектно раскажана приказна, чии драмски набаој се рефлектира низ опишаниот настан, повеќе познат во фантастиката отколку во реалноста, Ликовите кои се прецизно изнијансисрани, успешно го носат товарот на потресната тема на делото. Јазикот на романот богат а близок до усното народно творештво е со моќ на сликарски потези и колоритна силина на деталот, што овозможува делото да се восприема сугестивно и емотивно.

 

Покрај награденото дело во најтесен избор за наградата Рациново признание беа романите: „Фотосинтеза“ од Игор Анѓелков и „Стилски вежби“ од Соња Манџук. Наградите на добитниците ќе им бидат врачени на 13 јуни, на централнатата манифестација по повод 51-те „Рацинови средби“.

 

Додади коментар