Работниците од „Дрекслмаер“ ги бараат ветените празнични дневници
13-05-2014 РЕГИОН

Дел од вработените во „Дрекслмаер“ од синоќа го кренаа својот глас. Незадоволни се и како што велат изиграни од комапниата. Иако им било ветено дека ќе добијат празничен бонус за работа на Велигден, со вчерашната исплата на априлската плата на нивните сметки ја немало празничната дневница. Синоќа штрајкуваа најголем дел од работниците во трета смена,  кои требаа да седнат на машините и да работат. Се одлучиле да штрајкуваат за да го предупредат раководството дека не го биле исполнети ветувањата.

„Ни беше понден да работиме за велигденските празници, а за тоа да ни биде исплатена празнична дневница од 2200 денари и плус вредносен ваучер од 1500 денари.  Единствено ни беше поделен вредносниот ваучер, а ветениот бонус од 2200 денари не го добивме„ се пожалија дел од вработените со кои разговаравме.

И во текот на денешниот ден вработените од првата смена штрајкувале околу еден час. Дел од нив сепак застанале покрај машините и ги извршувале работните задачи.

Од комапнијата не добивме коментар за штрајкот на вработените и објаснување каде е настанато недоразбирањето. Ни беше ветено дека доколку раководството во Македонија добие став од Германија ќе добиеме известување, но тоа не се случи.

Во моментов германската фабрика „Дрекслмаер“ вработува над 4000 лица од Кавадарци, Неготино, Росоман, Градско, Велес и дел од Прилеп.Просечната плата била околу 9000 денари. За прекувремена работа и за работа во викенд оние најупорните и највредните стигнувале и до плата од 15.000 денари. 

A.Данов

Додади коментар