Социјалдемократите од Кавадарци со нова прозивка на ВМРО-ДПМНЕ

Портпаролот на ОО на СДСМ Кавадарци, Сашко Петров, денеска одржа нова прес конференција на која продолжија обвинувањата кон ВМРО-ДПМНЕ за таблата на месниот комитет во с. Сопот.

 

 (интегрален текст од прес конференцијата)

ВМРО-ДПМНЕ е злосторничко здружение кое нема никаков етички, морален и политички интегритет. ВМРО се грижи само за интересите на нивните највисоки партиски функционери кои за овие десет години станаа најголеми богаташи и моќници. 

За Вас граѓаните не се интересираат, вие граѓаните им служите само како материјал и топовско месо за манипулирање со изборни цели. 

Затоа и боите на таблите за означување на институциите се исти со таблите за означување на нивните месни комитети. Дали тоа е етички?

Тоа е безобразие и користење на позицијата на власт за претставување на партиските обележја на јавни институции, со цел за манипулирање со свеста на граѓаните дека ВМРО е нешто огромно, нешто моќно и нешто кое го има насекаде.

Но, колку е ВМРО мало и уплашено се гледа од последната прес конференција, во која видовме и слушнавме дека таблата која го означува месниот комитет на ВМРО- Сопот била поставена од приватно лице на приватен имот, за кое не требало да се интересира ниту ВМРО, ниту СДСМ. Вие со години покажувате дека не ве интересираат јавните институции, но бидејќи нас не интересираат, ние затоа и реагираме да с отстрани таблата од амбулантата.

 

Немаат храброст ниту да признаат дека таму им се просториите на месниот комитет. И како да им се верува на овие луѓе?

Во нивниот контра - прес се пофалија дека направиле нешто, но не се пофалија дека во овие изминати 10 години додека се на власт, имаат направено нешто во с. Сопот. Нешто кое ќе биде од добробит за сопотчани.

 

Па затоа и прашуваме, а вие од ВМРО-ДПМНЕ  дадете одговор. Што направивте во овие 10 години на власт за с. Сопот?

Ние од СДСМ во текот на оваа година поднесовме најмалку 4 амандмана и тоа, амандман за изградба на детска градинка, спортско игралиште, смена на азбесните цевки, за реконструкција на домот на културата.

 

Со кој образ зборувате за градење на патишта кога сите во Македонија знаеме дека секоја иницијатива за градење на било каков пат е мотивирана од милионските провизии во корист на вашите лидери, а на штета на македонскиот народ.

Со кој образ зборувате за намалување на невработеноста кога самите вие Андон Лазаров не сте вработени никаде. Која контрадикторност.

Со кој образ зборувате за намалување на невработеноста, кога повеќе од 600.000 граѓани се иселија од Македонија. Па цела кавадаречка шаршија се иссели и можеме да ја видиме само преку Фејсбук по Лондон, Чикаго, Патерсон, Гетеборг.

Со кој образ зборувате за училиштата кога го упропастивте образованието. Прво погледнете ги бесплатните учебници со кои се фалите, каков партал се! А потоа видете ги содржините од кои учат децата.

Тоа се истите учебници кои првично ветивте дека ќе ги менувате на секои три години, а потоа се предомисливте дека ќе ги менувате на секои пет години.  Има директори на училишта кои се кривично осудени. За такво ли образование зборувате?!

Како не ви е срам? 

Велите дека десет пати по ред сте победувале на избори. Вие не сте победувале, туку сте ги фалсификувале изборите. Затоа Доста е! Веќе никој не ве слуша и веќе никој не ви верува!

Додади коментар