Учениците и денеска полагаат државна матура

Три часа ќе трае тестирањето денеска по странски јазик или математика, односно, естетика или филозофија. Матурантите од средните училишта во земјава од 10 часот ќе го започнат полагањето на државна матура.

Интересот за математика е помал, отколку за странските јазици. За математика основно ниво пријавени се речиси исто како лани (0,05 отсто повеќе) односно 2.184, а само 13 ќе полагаат математика напредно ниво, што е помалку за шест матуранти или пад за 31,9 отсто.

 Кај странските јазици, зголемен одѕив има за англиски и германски, а намален за француски и руски јазик. Матурантите од училиштата на уметностите за изборен предмет ги имаат филозофија и естетика.

Годинава за државна матура се пријавени вкупно 19.289 кандидати. Во саботата тие го полагаа првиот дел од испитот - задолжителниот предмет мајчин јазик (македонски, албански или турски) и литература.

 Тестирањето го набљудуваат околу 2.000 тестатори. Првите резултати се очекуваат за еден месец. Незадоволните кандидати имаат можност за приговор кој, како и лани, ќе чини 1.000 денари.  Матурантите кои нема да ја положат државната матура или ќе положат само еден предмет во јунскиот испитен рок, ќе имаат втора можност на следниот рок - на 13 август мајчин јазик и на 15 август изборниот предмет. Годинашната е шеста генерација која полага државна матура од нејзиното воведување. Таа е услов матурантот да се запише на факултет.

Додади коментар