Уште еден успешен вински карневал во Кавадарци
08-09-2014 РЕГИОН

24 карневалски поставки со 600 учесници годинава беа дел од винскиот карневал кој е носечка активност од стопанско туристичката и културна манифестација „Тиквешки гроздобер“ која годинава одбележа пет децении од првото одржување во далечната 1964 година. 

 

И покрај дождот улиците беа преполни. Кавадарчани и гостите уживаа во прекрасните маски. Се пееше, се танцуваше, а не изостана и шегата.

 

По звиците од градскиот оркестар, винската кралица, младата кавадарчанка Владанка Недева и Богот на виното Бахус кренаа здравица за бериќетен гроздобер. Потоа продефилираа и останатите маски.

 

Сите карневалџии имаа свои приказни инспирирани од одгледувањето на виновите лози и берењето на грозјето до славењето на виното и љубовта.

 

Џаламарите со својата врева се обидуваа да го избркат дождот но и злите духови. Поставката на гостите од Птуј ја предводеа дури 4 принца кои имаа статус на кралеви на карневалот што секоја година се одржува во овој град во февруари.

 

 

Со својата маска воодушевија и гостите од Струмица. Групата „Мулен руж“ танцуваше во знакот на големата љубов на Ромео и Јулија. За прв пат на „Тиквешкиот грзодобер“ учествуваа и гостите од Шабац. Нивната маска се претстави со "Лебедово езеро на Сава". Гостите од Перник го претставија автентичниот фолклор преку "Сурвакарска свадба". Со свои маски беа дел од карневалското дефиле и ученици од кавадаречките училишта и  балетското студио „Венус“.

Карневалот  заврши со неколку минутен спектакуларен огномет, а втората грозодберска вечер дополнително ја загра мегапопуларниот Жељко Јоксимовиќ кој беше главната причина плоштадот во Кавадарци да биде исполнет како ретко  досега. Речиси два часа присутните се дружеа со хитовите на оваа балканска ѕвезда но и со добарата капка вино од тиквешкото виногорје.

 

На винскиот карневал му претходеше официјален прием на делегациите кои беа гости на Тиквешкиот гроздобер.

 

Добредојде и благодарност за досегашната успешна соработка на гостите од збратимените градови, но и на гостите учесници во карневалот во саботата на свечен прием им посака градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов. Сите беа пречекани со богата трпеза и вино, како што доликува на кавадаречкото гостопримство.

Првиот човек на Кавадарци упати порака за бериќетен гроздобер.

 

Пред присутните на приемот свое обраќање имаше и претставникот на Интернационалниот борд на Асоцијација на карневалски градови, Александар Цицимов. Посака богат род и успех во гроздоберот, а на градоначалникот Панов и на организациониот одбор им врачи меморијален медал.

 

Благодарници за успешна соработка и учество на винскиот карневал органзиаторот на Тиквешкиот гроздобер им врачи на сите годинешни учесници .

 

Детски карневал

 

Децата од сите објекти на детската градинка „Рада Поцева“ и ученици од основните училишта вчера беа дел од традиционалниот детски карневал што е составен дел на Тиквешкиот грозодбер. И тие под маски го збогатија чествувањето на грозјето и виното кои се главен белег на Кавадарци и Тиквешијата.

 

Карневалското дефиле започна од новиот центар на градот. И најмладите минаа низ улица „Илинденска“ за да стигнат до центарот на градот.

 

Многу од нив беа облечени како богот Бахус. Креваа здравица за бериќетен гроздобер. Симболично беше претставена виновата лоза, а не изостанаа и маските од познатите детски јунаци. Сите беа радосни и задоволни што се дел од манифестацијата која е масовно посетена.

 

Aнгел Данов

Додади коментар