„Антигонеа-нег“ од Неготино го освоија врвот Мусала
30-06-2015 РЕГИОН
Во континуитет продолжуваат успесите на СПАОК „ Антигонеа-нег “од Неготино. Имено, викендов четворица членови на СПАОК ,,Антигонеа-нег” од Неготино, Артур Николовски, Ѓорѓи Трајков, Јане Томов и Стојанче Василев беа гости на Планинарското друштво „ Рилски турист“ од Самоков од Р.Бугарија како дел од продлабочената и успешна соработка која што неготинското планинарско друштво ја има со друштвото од Бугарија.
 
Како дел од планот за работа според годишниот календар на СПАОК „ Антигонеа-нег” , покрај договорот за заеднички активности коишто ќе ги реализираат двете друштва , главна цел на неготинските планинари беше и освојување на највисокиот врв на Балканот, Мусала со надморска височина од 2925, 40 метри.
Како што ни изјави Артур Николовски, врвот Мусала го освоиле без поголеми потешкотии и проблеми иако времето било од променливо до сончево , па и до врнежи од дожд, а на врвот имало и снег.
 
Со ова  , продолжуваат успесите коишто неготинското друштво во континуитет ги има, а како што информиравме претходно, поради големиот број на активности и успеси , минатата недела , во рамките на 18 по ред Балкански планинарски средби што се одржаа во организација на ПД ,,Љуботан” од Тетово, неготинското друштво беше примено за рамноправен член во Сојузот на балкански планинарски друштва во кој членуваат друштва од целиот Балкан.
 
Инаку, најмладиот член на СПАОК „ Антигонеа-нег “ од Неготино заедно со  својот татко и уште двајца членови интензивно се подготвуваат за освојување на Триглав во Р. Словенија и Мармолада во Италија.
Како што истакна Александар Гичовски, периодов друштвото интензивно се подготвува за Младинските балкански планинарски средби кои ќе се одржат од 28 до 30 август на кои домаќин ќе биде неготинското друштво. Гичовски вели дека се очекува учество да земат најмалку 100 младинци од целиот Балкан, а во тек е и изработката на планот и програмата по којашто ќе се реализираат овие средби.

Маја Алексовска

 


Додади коментар