„Фени“ го совлада „Работнички“
30-03-2015 СПОРТ

Со голем пресврт, Фени Индустри го доби трилер натпреварот со Работнички, а Бошко Јововиќ, „Лозарите“ и преполниот „Јасмин“ потврдија колку се значајни за тимот од Кавадарци.

Сосема заслужено, славјето по натпреварот беше големо, иако во првите две четвртини работите и не беа така позитивни за кавадаречките кошаркари. На полувреме се замина со резулат  36-47.

Тројката на Јововиќ беше се што направија кошаркарите на Фени во воведните три минути од второто полувреме во кое Работнички повторно стигна до позитива од 15 поени. Сепак, разочарувањето траеше кратко, затоа што по забивањето на Кемп, Враговиќ и Марковски постигнаа тројки со кои Фени ја стопи предноста, а неверојатната серија од 19-4 донесе резултатска симетрија во пресрет на последниот период. Неколкуте во најмала рака чудни судиски одлуки во штета на Фени кошаркарите на Работнички ги искористија за да се вратат на комфорни +6, но со поените на Кемп, Враговиќ и двете тројки на Бошко Јововиќ, Фени дојде до предност од 4 поени. Исклучувањето на Тодор Гечевски на нешто повеќе од една минута до крајот дополнително им ја олесни работата на кошаркарите на Фени Индустри, особено во дефанзивата, додека на другата страна Вуд и Враговиќ беа непогрешливи од пенал линијата, за голема победа од 81-75.

Вуд со 18, Кемп со дабл-дабл учинок од 16 поени и 10 скокови, Јововиќ со 16 и Враговиќ со 15 поени беа лидери во важната победа за Фени, додека Мираковски со 23 и Чековски со 18 беа први играчи во дресот на Работнички.

„Најпрво сакам да им ја честитам победата на моите играчи кои што изгинаа на теренот. Одигравме лоша прва четвртина, но наредните три четвртини изигравме одлично, и можам да кажам дека дури и се надминавме. Уште еднаш победивме една од најдобрите екипи во македонското првенство, каде што имаат одлични играчи од рангот на Гечевски и Чековски, со одличен тренер како Србиновски. Оваа победа многу ни значи како колектив, како Фени Индустри, за понатамошниот дел од сезоната. Бошко Јововиќ и сите други потврдија дека треба да останат во тимот и дека нема да има промена повеќе. До крај се надевам дека со ваква подршка од трибините ние можеме да го победиме секој тим во Кавадарци“ - изјави Љупчо Малинков веднаш по завршувањето на натпреварот.

 

Додади коментар