(ВИДЕО) Советот на општина Кавадарци го усвои ребалансот на буџетот и кварталниот извештај
27-04-2023 РЕГИОН

Кварталниот извештај за извршувањето на буџетот на општина Кавадарци во првиот квартал и ребалансот на буџетот беа дел од дневниот ред на денешната 26-та редовна  седница на кавадаречкиот совет.

Остварувањето на вкупните приходи по сите основи за периодот од 1 јануари до 31 март годинава е во износ од 244.195.059 денари во однос на планираните 1.168.596.000 денари или изразено во проценти 20,90 %, додека реализацијата на вкупните расходи за истиот период е  229.789.188 денари или  19,66 % од планираното.  

 

Што се однесува до измените во општинската каса приходите и расходите се зголемуваат за износ од 69.127.000 денари.

Советниците од опозицијата имаа свои видувања во однос на кварталниот извештај.

 

Градоначалникот Митко Јанчев во својата дискусија нагласи дека општината се движи во правилна насока. Информираше дека од вторник учениците од прво до петто одделение во кавадаречките училишта ќе добиваат бесплатен оброк што се обезбедува со ребалансот на буџетот.

 

Опозицијата во советот забележа дека учениците немало да добиваат квалитетен оброк, туку ќе јаделе кифли и банички, што било спротивно на правилник и на она што било ветувано во предизборието.  Советникот Павле Маневски нагласи дека правилникот за исхрана налагал 35% од дневните потреби на децата да се задоволуваат со појадок и прва ужина.

 

 

На ваквите обвинувања реплицираше советникот Филип Тасев од ВМРО-ДПМНЕ,  кој презентираше дел од менито,  што како бесплатен оброк го добивале учениците во Росоман, каде градоначалникот е од редовите на СДСМ. И таму, нагласи тој, учениците за појадок добивале банички и кифли.

 

 

Во однос на извештајот за работењето на општината, претседателот на советот, д-р Стојанчо Рамов се осврна на признанието и сертфикатот  што општина Кавадарци и градоначалникот Јанчев го добија од УНДП во делот на успешно финансиско работење.

 

На денешната седница советот донесе одлука за преземање на основачките права и обврски на ученичкиот дом „Крсте Петков Мисирков“. Беа донесени и повеќе одлуки кои се однесуваат на урбаниситички планирања. Едногласно советот даде поддршка на одлуката за субвенционирање на јавното претпријатие за градски превоз.

 

Од Буџетот на Општина Кавадарци за 2023 година се планирани финансиски средства во износ од 160.000,00 денари кои ќе бидат наменети за покривање на трошоци за превоз на ранливи категории на лица за обавување лични-општествени активности на територијата на Општина Кавадарци, преку субвенционирање на ЈП,,ГРАДСКИ ПРЕВОЗ КАВАДАРЦИ“ Кавадарци.

На предлог на советникот Јован Златевски, а со поддршка од сите советници,  жителите од селата под Кожув добија ослободување од надоместокот за изнесување на смет. Услугата и понатаму ќе ја извршува ЈП Комуналец со цел да не се создаваат диви депонии, но фактурирањето за оваа услуга ќе се врши кон општината.

 

Поминаа годишните извештаи за животна средина и управување со отпад за 2023 година, годишните планови за вработување во гимнаизјата „Добри Даскалов“ и СОУ „Киро Спанџов Брко“ и измените на планот за вработување во ООУ „Тоде Хаџи Тефов“.

 

Се донесоа измени на одлуката за утврдување на единечна цена на билет за градски превоз,  се разгледаа и усвоија извештаите за изработка на спомен бисти и подигање на спомен обележје за 12-те младинци од Ваташа. Пред советниците на денешната седница се најдоа и годишните сметки на фудбалскиот и ракометниот клуб „Тиквеш“.

 

Aнгел Данов

 



Share

Додади коментар