„Ни ваму ни таму“ пред кавадарчани
25-11-2013 КУЛТУРА

Со едноставна и скромна сценографија и костимографија, впрочем како што се речиси сите самостојни и камерни претстави, но со силен емотивен набој, ангажирани пораки и привлечна игра, изведбата на дуодрамата “Ни таму, ни ваму“ со актерите Љупчо Тодоровски - Упа и Симеон Дамевски - Мони, на сцената од Македонскиот народен театар,неделава во рамки на кавадаре;ката културна есен ‘е ја гледа и публиката во Кавадарци. Станува збор за претставата во која двајцата актери имаат создадено актерски ликови, кои се надополнуваат и надградуваат, па не случајно добиваат аплаузи на отворена сцена, но и на крајот од изведбата која протечува во спонтана, природна и доживеана игра.


Основната тема на претставата “Ни таму, ни ваму“, како што сугерира и самиот наслов е дијаспората и гастарбајтерството, односно соочувањето на двајца релативно млади луѓе од Македонија кои се среќаваат на аеродромот при што едниот разочаран се враќа во татковината по претрпениот брачен бродолом, а другиот исто така со речиси идентична животна судбина штотуку тргнува на далечниот печалбарски пат.За првиот (Александар) - Америка е разочарување, а за вториот (Ице) - таа е сон и обратно: за едниот Македонија претставува повторна надеж, а за другиот - таа претставува место за неуспех и бегство. При вкрстувањето и проткајувањето на нивните приказни, полни со незадоволства и ретки радости, но и пресврти и копнежи, драмата “Ни таму, ни ваму“ мошне жестоко и суптилно проговара за нашата груба и сурова реалност, но и за ветените земји на Запад, каде очигледно веќе не цветаат рози.Повратникот од странство е полн со оптимизам дека во родниот крај ќе купи стар хотел во Струга, ќе го реновира, ќе основа ново семејство и конечно ќе започне да живее нов живот, а новопечениот емигрант пак, ќе започне да ја учи гастарбајтерската азбука и среќата и парите ќе ги побара во непознатите градови и држави, исправен пред сосема нови предизвици и искушенија.


Дамевски и Тодоровски мошне пластично и уверливо го одмотуваат клопчето на нивните животни стории, и премногу урбани и слични, но и трагични и патетични, па трагиката се претвора во комика, а носталгијата и меланхолијата - во револт и скепса за слученото и сонуваното.Убава, реална, успешна дијалошка претстава - вистинска современа и провокативна дуодрама, од нас накратко раскажана, за да ве мотивираме, а на вас останува да ја изгледата па да коментирате.Домот на културата ќе биде домаќин на ,,Ни таму ни ваму,,.

Додади коментар