55-та седница на кавадаречкиот совет - претпоследна на овој состав
14-03-2017 РЕГИОН

Завршната сметка на буџетот на општина Кавадарци за 2016 година денеска беше дел од дневниот ред за работа на кавадаречкиот совет. Во неа се наведува дека биле остварени близу 564 милиони денари од планираните близу 742 милиони денари.

 


Советниците од опозицијата во своите дискусии го критикуваа работењето на градоначалникот во минатата година. Според нив завршната сметка покажувала слаба реализација на капитални проекти.


„Најголемите средства се троишат за плати. Нема капитални проекти. Се што е вредно градоначалникот даде поклон на фирми блиски до неговата партија. Многу потреби се напластени. Граѓаните бараат решавање на проблемите“ рече меѓу другото во својата дискусија советникот и координатор на советничката група на СДСМ, Зоран Бањански.

 

Советничката Милица Андова забележа дека се нема увид во трошењето на парите од буџетите на образовните институции, а праша и за повеќе не реализирани, а ветени проекти.
„Каде се проектите, каде е паркирањето. Што се случува со влезот во градот од кај Росоман. Се раскопа и со месеци никој не знае што се работи таму. Од завршната сметка се гледаат само тековни трошења-нема ништо капитално, затоа голем број млади чекаат бугарски пасоши за да ја напуштат земјава“ нагласи Андова.

 


„2016 е една од послабите години за општина Кавадарци иако градоначлникот бомбастично најавуваше во интервју за весникот „Вечер“ дека ќе биде година на економски бум. Резултатите во завршната сметка се катастрофални„ рече советникот од СДСМ, Сашко Петров.

 


На дискусиите од советниците на СДСМ реплицираше координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Јованчев. Рече дека ако се правело споредба што направиле СДСМ, а што ВМРО-ДПМНЕ тогаш ВМРО-ДПМНЕ имала 9 пати повеќе направено во инфраструктурата.


Со 11 гласа „за“, 5 „против“ и 1 „воздржан“ советот ја усвои завршната сметка на буџетот за 2016 и извештајот за работењето на општината. Советот едногласно даде подршка на завршните сметки на основните и средните училишта, детската градинка, домот на културата и музеј галеријата.

 


По предлог на советникот Горан Белевски советот одлучи да ги ослободи од давачката за улично осветлување сите сопственици на викендици на Тиквешкото Езеро и во Моклиште. На последната седница на овој состав на советот по предлог на советничката Божанка Минова ќе се разгледува можноста да се ослободат од камата сите должници кои се соочуваат со извршни решенија за наплата на стари побарувања за комунални сметки.

 

Ангел Данов



Додади коментар